• Татјана Павлова, Магистер по Нутриционизам

Моќната мајчина душица (Thymus vulgaris L.)

Thymus vulgaris L. или „мајчина душица“е добро познатата традиционална лековита билка од родот „Thymus“(fam. Lamiaceae) кој го сочинуваат приближно 400 видови и подвидови на ароматични растенија.


Таа е едно од препознатливите растенија во многу делови од светот, особено низ Медитеранот, Северна Африка, Азија и Европа. Користена уште од античко време како лековито растение, билен чај, стимуланс, против надуеност и кашлица, против настинка додека во средниот век се користела и како конзерванс за храна и темјан. Благодарение на специфичниот вкус и арома, мајчината душица е една од главните кулинарски состојки и денеска. Но дека таа претставува повеќе од зачин говорат значајните терапевтски карактеристики потврдени и од СЗО (Светска Здравствена Организација). Мајчината душица и нејзиното масло влијаат антисептично, антиинфламаторно, антиоксидативно и антимикробно врз целокупното човеково здравје. Ваквото влијание се должи на двете доминанти фенолни соединенија содржани токму во маслото од мајчината душица познати како тимол и карвакрол.


Антимикробната и антибактериската активност се должи на активноста на тимолот. Научните студии посочуваат силна антимикробна активност против различни видови бактерии како што се Helicobacter pylori, Salmonella typhimurium, Staphylococcus aureus, а исто така и против одредени видови габични инфекции предизвикани од Aspergillusflavus, Aspergillusparasiticus и Candida albicans.


Во традиционалната медицина се користи за лекување на респираторни заболувања како што се астма и бронхитис. Влијанието на тимолот овозможува да се рашират бронхиите и да се спречи развој на други бактерии, а исто така го олеснува искашлувањето на тој начин што го разредува секретот.


Мајчината душица и нејзиното масло имаат благопријатно влијание врз гастроинтестиналниот тракт. Тимолот и карвакролот ја зголемуваат активноста на одредени ензими во цревата и панкреасот. Тие исто така ја подобруваат функцијата на црниот дроб и го регулираат апетитот.


Мајчината душица ја подобрува функцијата на бубрезите, и може да биде корисна за лекување на дијабетес и други компликации поврзани со дијабетес.


Мајчината душица претставува лековито растение со исклучителна нутритивна вредност бидејќи во својот состав изобилува со витамините Ц, А, Б6, а исто така забележано е и присуството на витамин К, Е и фолна киселина.

  • Витаминот Ц, кој е најголем антиоксидант обезбедува отпорност кон микробни инфекции, зајакнувајќи го имунолошки систем и на тој начин ја намалува подложноста на акутни и хронични заболувања.

  • Мајчината душица е целосно природно решение за мрсна кожа и акни. Неговите антиинфламаторни својства поради присуството на витаминот А помагаат во намалувањето на акните и одржување на чиста кожа.

  • Таа обезбедува до 27% од дневниот препорачан внес на витамин Б6 и на тој начин влијае смирувачки при стресни состојби, состојби на физичка и ментална слабост и ја намалува несоницата.

  • Покрај витамините мајчината душица изобилува и со минерали кои се од витално значење за општото здравје. Нејзините листови се одличен извор на калиум, калциум, железо, манган, магнезиум и селен, минерали кои имаат улога во контрола на срцевиот ритам и крвниот притисок, во активација на одредени ензими и подобрување на состојбите со анемија.



Литература:

  1. Almanea A., Abd El-Aziz S.G., & Ahmed M.M.M (2019). The Potential Gastrointestinal Health Benefits of Thymus Vulgaris Essential Oil: A Review. Biomedical & Pharmacology Journal, Vol. 12(4), p. 1793-1799

  2. Dauqan A.M.E. & Abdullah A., (2017). Medicinal and Functional Values of Thyme (Thymus vulgaris L.) Herb. Journal of Applied Biology & Biotechnology 5 (02); 017-022

  3. Prasanth Reddy V., Kandisa R.V., Varsha P.V & Satyam S. (2014). Review on Thymus vulgaris Traditional Uses and Pharmacological Properties. Medicinal & Aromatic Plants SSN: 2167-0412 MAP Volume 3. Issue 3

  4. Mehta D. (2021). Objective Review of Thymus vulgaris: A Review with Latest Updates on Pharmacological Properties and Phytoconstituents. Inventi Rapid: Planta Activa, Issue 1 [ISSN 2278-411X]

  5. https://tailormadehealth.com/thyme-plant-benefits/


53 views0 comments