top of page
  • Татјана Павлова, Магистер по Нутриционизам

Кокосово масло: Дали е добро за вас?

Од одржување на мека и еластична кожа до намалување на шеќерот во крвта, кокосовото масло е поврзано со голем број здравствени придобивки. Тоа e едно од најпопуларните масла за готвење во светот во последните неколку години кое традиционално се користи како еден од основните извори на масти во многу пацифички и азиски земји. Кокосовото дрво (Cocos nucifera L.) во Јужна и Југоисточна Азија се смета за скапоцен подарок на природата и за човештвото, а познато е уште како „дрвото на животот“ бидејќи секој дел од дрвото има своја вредност.


Историски кокосовото масло датира уште во 1920-тите и 1930-тите, и првично било класифицирано како храна со заситени масни киселини и критикувано поради неговите негативни здравствени ефекти. Сепак, истражувањата покажуваат дека не сите заситени масти имаат штетен ефект врз човековото здравје и како таков пример можеме да го посочиме токму кокосовото масло, кое се одликува со некои својства што го истакнуваат како посебно од останатите масла. Позитивните физичко- хемиски и здравствени својства кои ги истакнуваат студиите за кокосовото масло се следниве:

  • Содржи заситени масти слични на оние во мајчиното млеко, што значи дека е лесно сварливо, брзо ослободува енергија и благотворно делува на имунолошкиот систем.

  • Масните киселини кои ги содржи до 64% се со среден ланец (MCFAs) и му овозможуваат на собна температура да биде во цврста состојба.

  • Отпорно е на оксидација и се одликува со поголема трајност и негова широка примена.

  • Во неговиот состав доминира т.н лауринска киселина 40-50%, што му овозможува да има позитивни својства во процесот на согорувањето на мастите и заштитата на срцевиот мускул.

  • Присуството на лауринската киселина уште му овозможува ниска и добро дефинирана точка на топење (24,4 ° C-25,6 ° C).

  • Идеален е за готвење на високи температури, бидејќи е стабилен и не претрпува големи хемиски промени на високи температури.

  • Присуството на токафероли (Витамин Е), во кокосовото масло ја спречува оксидацијата и му овозможува на маслото да пројави антиканцерогени својства и хидратантен ефект врз косата и кожата.

  • Присуството на стероли меѓу кој најприсутен е ситостеролот и стигмастеролот преку кои има способност да го контролира ракот во ткивата на хранопроводникот, јајниците, дојката, дебелото црево и простатата.

  • Кокосовото масло има својство да го зголеми чувството на ситост, да ја подобри регулацијата на апетитот и да го стимулира метаболизмот.

Покрај употребата во готвењето, кокосовото масло привлекува особено внимение и како функционална храна (особено ладно цедените варијанти) преку неговите антиканцерогени, антидијабетични, антиоксидантни, антиинфламаторни, антимикробни и хидратантни својства на кожата. Ваквите својства се должат токму на идеалниот состав на масните киселини со среден ланец кои апсорбирајќи се во човековиот организам се поврзани со неколку здравствени придобивки, вклучително и подобрена когнитивна функција и поволниот липиден статус во споредба со масните киселини со подолг синџир.


Мастите заедно со јаглените хидрати и протеините се трите главни градливи единици потребни на човековиот организам. Тие обезбедуваат нормалното функционирање на нашето тело и учествуваат во многу метаболитички процеси па поради тоа нивното присуство во исхраната е неопходно. Со цел од нив да ги искористиме позитивните својства значајно е да направиме правилен избор на масти и да ги консумираме во оптимално дозволена количина.


  1. Deen A., Visvanathan R., Wickramarachchi D., Marikkar N., Nammi S., Jayawardanae D & Liyanage R., (2021). Chemical composition and health benefits of coconut oil: an overview. Journal of the Science of Food and Agriculture 101:2182–2193 DOI: 10.1002/jsfa.1087x

  2. Martins S.J., Santos O.C.J. & Conceicao M.M., (2020). Comparative Study of Physico-Chemical Properties of Coconut Oil (Cocos nucifera L.) Obtained by Industrial and Artisanal. Biotechnol Ind J. 2020; 16 (3):210.

  3. Hewlings S., (2020). Coconuts and Health: Different Chain Lengths of Saturated Fats Require Different Consideration. Dev. Dis. 7, 59

  4. https://www.fitshop.hr/masti-i-masne-kiseline/



338 views0 comments
bottom of page