top of page
Татјана Павлова, Магистер по Нутриционизам

Покачени вредности на холестерол- што треба да знаеме?

Холестеролот е структурна компонента на клеточнaта мембрана и служи како градлив материјал за синтеза на различни стероидни хормони, витамин Д и жолчни киселини. Тој има структурна и регулаторна улога и на клетката и обезбедува стабилност, флуидност и нејзина правилна функција. Според хемиската формула холестеролот претставува комбинација на стерол и алкохол, кој има голема молекулска тежина и во човековиот организам се синтетизира во црниот дроб.

Организамот на човекот има способност да синтетизира холестерол, но исто така го внесува и преку храна и тоа е најчесто храна од животинско потекло (месо, јајца, млеко), додека овошјето, зеленчукот и зрнестата храна не содржат холестерол. Тој е клучен за функционирањето на нашите клетки, но неговото покачено ниво може да предизвика сериозни проблеми.


Покачените вредности на холестерол во крвта се поврзани со појавата на :

  • Камења во жолчката кои се формираат доколку има недостаток на жолчни соли или вишок на холестерол што се излачува во жолчката.

  • Појава на кардиоваскуларни заболувања. Високите вредност на холестерол заедно со триглицеридите, уште се нарекуваат хиперлипидемија и доведуваат до зголемен ризик од развој на атеросклероза и кардиоваскуларна заболувања (КВБ).

  • Фамилијарна хиперхолестеролемија, која е наследна состојба настаната како резултат на мутации во одредени гени кои се причина за појава на оваа состојба. Најчестиот недостаток е мутација на LDL рецепторот, што резултира со високо ниво на холестерол во крвта и може да се акумулира во крвните садови, па да предизвика стврднување на артериите што е предуслов за појава на коронарна срцева болест.

  • Покрај тоа, тој е вклучен во многу генетски болести, а може да се појави и како резултат на терапевтски фармаколошки лекови;

Кога нивото на серумскиот холестерол е превисоко, стандардната медикаментна терапија се состои од употреба на статини кои имаат улога да ја спречат или ограничат стапката на синтеза на холестерол со цел да се олесни отстранувањето на вишокот LDL (лошиот холестерол).


Како најчести причинители за појава на холестерол се сметаат следниве:

  • Недостаток на физичка активност.

  • Зголемена телесна тежина.

  • Зголемениот внес на појака и мрсна храна.

  • Големиот внес на сол и храна готвена на загреани масла.

  • Пушењето и алкохолот.

  • Прекумерениот внес на шеќери.

  • Стресни ситуации.

Храната може да помогне во борба со покачениот холестерол.


За одржување на стабилна здравствена состојба вредностите на холестеролот треба да се движат и одржуваат во физиолошка граница (4,5-5,2) mmol/l. Одредени лекови кои се користат во терапијата покажале и негативни ефекти, поради тоа храната е секогаш опција во борба со ваквите состојби.


Еден од начините на исхрана која дала позитивно влијае за оддржување на нормалните вредности на холестерол е медитеранската исхрана, која активира одредени ензими во организмот (параоксоназа) кои директно влијаат во одржувањето на добриот холестеро (HDL).


Некои категории на храна како што се ладно цеденото маслиново масло, намирниците богати со ликопен, јаткастите плодови и избалансираниот внес на јајца се поврзани со одржување на нивото на холестерол во крвта. Овој вид намирници се дел од исхраната која се препорачува во состојбите на хипертензијата познтата како DASH диета, која уште се смета како втора опција во борбата за покачените вредност на холестерол.


Но што точно треба да вметнете и отстраните од секојдневните навики доколку се соочувате со покачени вредности на холестерол е следното:

  • Избегнувајте транс масти. Транс мастите го зголемуваат вкупниот и лошиот LDL холестерол, и најчесто се содржани во маргарин, путер и цврси масла, колачи и други печива, процесирана храна.

  • Консумирајте мононезаситените масти како оние содржани во маслиновото масло, маслото од канола, јаткастите плодови и авокадото. Овие масти имаат способност да го намалат LDL (лошиот) холестерол а да го зголемат HDL (добриот) холестерол.

  • Внесувајте Омега-3 масните киселини особено се корисни за здравјето на срцето. Големи количини се содржани во масните риби како што се: лосос, скуша, харинга, длабокоморска туна, школки (во помала мера), вклучително и ракчиња. Други извори на омега-3 се семките и јаткастите плодови, но не и кикириките.

  • Вметнете храна која содржи диетални влакна. Диеталните влакна се составен дел на храната од растително потекло кои во човековиот организам играат голема улога во дигестивниот систем, каде што се наречени и пребиотици и имаат за цел да ги хранат добрите бактерии и на тој начин можат да помогнат во намалувањето на нивото на LDL лошиот холестерол. Добри извори се мешунките како грав, грашок, леќата, овошјето, псилиумот и целите зрна од житарките, особено овесот.

  • Консумирајте кромид и лук богати се со полифенолни соединенија наречени флавоноиди, и пројавуваат антиинфламаторно, антиоксидативно, антиканцерогено дејство.

  • Ништо не може да ја раздвижи крвта како топлината на лутата пиперка. Капсицинот е соединение кое се наоѓа во лутите пиперки, може да игра улога во намалувањето на артериското стврднување, дебелината, крвниот притисок и ризикот од мозочен удар.

  • Бидете физички активни. Физичката активност нуди низа бенефити, добра е за здравјето на срцето, ја подобрува физичката кондиција, помага во борбата против дебелината, исто така го намалува штетниот LDL и го зголемува добриот HDL холестерол. Препораките се 150 минути умерено аеробно вежбање неделно е доволно за да се намали нивото на холестерол.

  • Намалете ја телесната тежина тоа ќе ви помогне го намалите вкупниот холестерол а исто така ќе помогне да се намали LDL (лошиот) холестерол и да се зголеми HDL (добриот) холестерол.

  • Престанете со пушењето. Докажано е дека пушењето го зголемува лошиот LDL, а го намалува добриот HDL холестерол, воедно ја попречува способноста на телото да го транспортира холестеролот назад во црниот дроб каде се складира или разградува.

  • Умерено со алкохолот. 1-2 пијалоци во текот на одредени денови може благопријатно да влијаат врз подобрувањето на HDL (добриот) холестерол и да го намалат ризикот од кардиоваскуларни болести. Но поголемата и почеста консумација на алкохол го зголемува ризикот од срцеви заболувања и оштетување на црниот дроб.

  • Додадете суплементи како рибино масло, псилиумот (растворливи диетални влакна), коензим Q10 бидејќи го подобруваат холестеролот и го намалуваат ризикот од срцеви заболувања.


Користена литература

1. Craig М, Yarrarapu S. N. S & Dimri M. Biochemistry, Cholesterol. In: Stat Pearls Treasure. Island (FL): Stat Pearls Publishing 2022 Jan-. Available from: https://www.ncbi.nlm.nih.gov/books/NBK513326/

2. Zampelas A. & Magriplis E. New Insights into Cholesterol Functions: A Friend or an Enemy? Nutrients 2019, 11, 1645; DOI: 10.3390/nu11071645

3. Tabas I. Cholesterol in health and disease. J. Clin. Invest. 2002, 110:583–590. Doi: 10.1172/JCI200216381

4. https://www.healthline.com/nutrition/how-to-lower-cholesterol#bottom-line


3,906 views0 comments

Comments


bottom of page