top of page
Татјана Павлова, Магистер по Нутриционизам

Кога треба да го отстраниме глутенот од исхраната?

Таканаречените "free (слободни, без)" производи (без лактоза, без шеќер, без глутен итн.) станаа глобален индикатор за избор на здрав начин на живот, што го прошири и пазарот за производи без глутен. Продажбата на производи без глутен во последните 5 години е двојно зголемена, а предвиден е и нејзин поголем раст.

Мотивацијата да се биде фит и убави со цел прилагодување на модерното општество, влијанието на медиумите, социјалните мрежи, наметнувањето на одредени трговци кои ваквите производи како здрава опција ги користат како алатки за намалување на телесната тежина се најчестите приини за популарноста на производите без глутен. Повеќе од 15% од потрошувачите кои консумираат безглутенска исхрана се изјасниле дека го практикуваат овој режим како дел од здравиот начин на живот додека 13% од потрошувачите консумираат безглутенска исхрана за лекување други здравствени состојби или симптоми препрачани од медицински лица.


Што е глутен и неговата присутност во храната?


Глутенот (лепило) е протеини кои се наоѓаат во житариците, како пченица, 'рж, спелта, јачмен и тритикале а убедливо најзастапен е во пченицата. Тој е составен од два главни протеини наречени глутенин и глијадин. Кога брашното се меша со вода, глутенските протеини формираат леплива мрежа која има конзистентност како лепак па од тука глутенот уште се нарекува и лепило. Ова својство налик на лепило го прави тестото еластично и му дава можност на лебот убаво да нарасне за време на печењето и му се обезбедува задоволувачка структура и лесен за соџвакување.


Присутноста на глутенот е широко распространета. Тој не само што е присутен во житарките кои го содржат туку може да биде присутен и во конзервирана храна, сувомеснати производи, во многу козметички препарати и лекови. Поради тоа заболените од целијакија задолжително треба да внимаваат на декларациите на сите споменати производи. Дека одреден производ не содржи глутен показател е назнаката прешкртан клас која е знак за безбеден производ.

Житарки кои не содржат глутен и кои најчесто се користат во безглутенската исхрана се оризот, пченката, хељда, киноа и амарант, потоа маслодајните семиња како што е лен, сончоглед, сусам и семки од тиква, потоа клубенестите зеленчуци како компирот од кој се произведува скроб и во поново време се повеќе е истакнато и производството на брашно од мешунки како наут, леќа, грав, грашок.


Симптоми и дијагноза на осетливост на глутен.


Дигестивните непријатности се најчестиот показател за нетолеранција на глутен. Доколку е присутна анемија или зголемување на телесната тежина, чувствството на подуеност, абдоменална болка, опстипација или дијареа, кожи промени, замор после внес на одредена храна, отоци по зглобовите и нозете, заматен вид се дел од симптомите кои се посочуваат дека можеби имаме проблеми со внес на храна која содржи глутен.


Состојбата на целијакија и интолеранција на глутен понекогаш е тешко да се разграничи поради преклопувањето на симптомите. Поради тоа првиот чекор за да се утврди причината за состојбата, се започнува со консултација на медицинско лице кое дава препораки за понатамошните чекори и тестирања. Постојат два главни начини да се утврди дали се работи за состојба на осетливост на глутен или се работи за целијакија а тоа се: тестови преку крвта (серолошки) и биопсија на тенкото црево (хистолошки) тестови.


Целијакија или целијачна болест е хронична автоимуна болест што се карактеризира со доживотна нетолеранција на организмот на глутен. Се манифестира како имунолошкиот одговор на препознавање на антитела (ткивна трансглутаминаза), и резултира со воспалително оштетување на слузницата на ѕидовите на тенкото црево односно уништување на цревните ресички. Како последица што доаѓа до малапсорпција на хранливите материи, а особено на железо, калциум и фолна киселина. Во моментов, студиите покажуваат дека болеста влијае на приближно 1% од светската популација, и терапија е доживотна безглутенска исхрана.


Класична дефиниција и стапка на распространетост за интолеранцијата на глутен нема но преваленца од заболени се движи околу 6%. Се дијагностицира доколку тестовите се негативни за целијакија, а е забележано присуство на анти-глиадински IgG антитела.


Алергијата на глутен се дефинира како реакција на преосетливост на протеини од пченица (не само глутен) во присуство на IgE-антитела и покрај дигестивните симптоми при алергиските реакции карактеристични се респираторни и / или кожните симптоми, предизвикани од изложеност на пченица преку слузницата (дигестивна или респираторна) или кожа.



Здравите лица не треба да го отстрануваат глутенот од исхраната?


Лицата кои не почувствувале дел од споменатите симптоми, не треба да избегнуваат производи кои содржат глутен. Но кај лицата со одредени здравствени проблеми, отстранувањето на глутенот од нивната исхрана може да направи голема разлика. Доколку здравите лица ги елиминираат производите кои содржат глутен и не ги заменат правилно со други хранливи материи во исхраната, би можеле да бидат изложени на ризик од недоволно внесување на диетални влакна, витамини од групата Б, витамин А, магнезиум, железо итн. Поради тоа консултацијата со здравствен работник и нутритивната поддршка од нутриционист пред да се премине на исхрана без глутен е неопходна.



Користена литература:

  1. Roszkowska A et al., (2019). Non-Celiac Gluten Sensitivity: A Review. Medicina, 55, 222; doi: 10.3390/medicina55060222

  2. Gujral N et al. (2012). Celiac disease: Demography, diagnosis, pathogenesis, and treatment. World J Gastroenterol.; 18(42): 6036-6059

  3. Llanos et al., (2014). Celiac disease and malabsorption: A case report of ataxia secondary to vitamin E deficiency. Endocrinología y Nutrición (English Edition), 61(7), 389–390

  4. Sapone, A., Bai, J.C., Ciacci, C. et al. (2012). A spectrum of gluten-related disorders: consensus on new nomenclature and classification. BMC Med 10, 13


2,328 views0 comments

Comments


bottom of page